Ураганот Иан ја погоди Флорида – катастрофални поплави, прекини на струја
Ураганот Иан предизвикаа катастрофални поплави на југозападот од Флорида. Поројот носеше се пред себе. Одредени населби наликуваа на големи езера. Смртоносната бура остави речиси два милиона домови без струја...

Обилните дождови и ветришта со јачина од над 200 километри на час што ги донесе ураганот Иан предизвикаа катастрофални поплави на Флорида. Поројот носеше се пред себе. Автомобили, откорнати дрвја. Поплавени домови и метроа. Водата им ја отежна работата и на пожарникарите. Дел од населбите наликуваат на езера, а над два милиона домови останаа без струја. Жителите евакуирани навреме.
„Овде сум 45 години, и првпат ми е да заминам од бура, но водата навистина ме исплаши. Беше збунувачки и не сакав да ризикувам, па со моите ќерки го напуштивме градот. Тоа е страшна бура“, рече Рене Кореа, жител на Тампа.
„Живеам втора година во Флорида и ова ми е прв ураган. Се евакуиравме со мојата сопруга и децата. Зедовме некои работи и заминавме тука. Ќе останеме овде до сабота, а потоа ќе се вратиме и ќе видиме, што ќе се случи“, рече Винод Наир, жител на Тампа.
Гувернерот на Флорида Рон Де Сантис ги предупреди жителите дека наредните неколку дена ќе бидат ужасни.
„Видовме големи поплави на места како округот Колиер, Санибел, плажата Форт Мајерс. Знаеме дека има луѓе кои се наоѓаат во зоните за евакуација со висок ризик, ќе пратиме екипи веднаш штом биде безбедно. Ова беше големо невреме и направи голема штета“, изјави Рон Де Сантис, гувернер на Флорида.
На патот на ураганот се најде и брод со мигранти кој потона кај островите Кис. Седуммина се спасени, по 20-ина се трага. Со минувањето кон внатрешноста Иан ја загуби моќта до ураган од прва категорија, но предупредувањата за опасност и натаму остануваат. Во неколку сојузни држави, Џорџија, Вирџинија, Северна и Јужна Каролина е прогласена вонредна состојба. Претходно Иан ја помина Куба, оставајќи зад себе жртви и уништена електрична централа.
Бојана Крстевски
