Институт за човекови права

Тешка борба против корупцијата во државата

29.09.2022 14:09

Корупцијата е раширена во секој сегмент на општеството, граѓаните оправдано се незадоволни, предупреди Институтот за човекови права. За да имаме вистинска, ефикасна и ефективна борба, потребни се строги казни за оние коишто се огрешиле пред законот. Првата антикорупционерка гледа напредок ама признава дека работите тешко одат. Според власта, работите не може да случат преку ноќ...

Борбата против корупцијата во пракса е ретко видлива и таа е само теоретска, а оваа општествена болест е навлезена во секој сегмент. Ваков заклучок дадоа учесниците на денешната завршна конференција во рамки на проектот „Следење на националните активности во борбата против корупцијата“ oрганизиран од Институтот за човекови права.

Во однос на извештајот кој произегува од Националната стратегија, Собранието сè уште нема преземено активности да го стави на дневен ред, а од тој извештај треба да се извлечат заклучоци и да се види реалната слика што е направено, што треба да се направи, и како да се реализира таа стратегија. Сепак, од Државната комисија за спречување корупција забележуваат промена во свеста на граѓаните во однос на штетните последици од корупцијата.

Вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска рече дека прогресот во борбата против корупцијата, сепак, бара енергија и постепена работа.

На настанот присуствуваа и претставникот од Амбасадата на САД во Скопје, Ерик Мејер како и Агим Нухиу, заменик министер за правда.

Катерина Топалова