Мицкоски го повика Ковачевски на дебата за енергетската криза
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го повика премиерот Ковачевски на дебата за енергетската криза. Мицкоски ја обвини власта за игнорантски однос кон стопанството и ги повика надлежните да ги прифатат предлозите на опозицијата за полесно надминување на состојбите. „Не е време за политиканство, време е за одговорност“, рече Мицкоски.

Електрична енергија од домашно производство, добиена со користење евтини ресурси, наменета за стопанството, дополнителни количини топлина и заштеда од минимум 300 милиони евра. Ова е дел од програма на ВМРО-ДПМНЕ за излез од енергетската криза, рече партискиот лидер Мицкоски.
Според него, предлозите се резултат на дискусиите со бизнис-заедницата, а за кои како што рече, Владата предводена од Ковачевски нема слух. Затоа, Мицкоски го повика премиерот на дебата, на којашто ќе разговараат за решенија за излез од кризата.
„За да нема дилеми го повикувам Димитар Ковачевски да одбере медиум и време кога заедно ќе се соочиме пред македонската јавност бидејќи сега не е време за политикантство и политики. Не е време за надмен, нервозен и емотивен однос. Сега е време за одговорност, сега е време како да им помогнеме на граѓаните, како да ѝ помогнеме на Македонија. Изберете време, изберете медиум, немојте да дезертирате, јас таму ќе ве чекам“, рече Мицкоски.
Странски компании од Западна Европа се подготвени да обезбедат снабдување со енергенси, мазут и гас за потребите на државата, вели Мицкоски, при тоа додаде дека тој, доколку биде повикан од премиерот, би ги споделил контактите со цел земјава полесно да ја надмине енергетската криза.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека нема да има негативно влијание врз меѓународната политика фактот што тие компании, ресурсите ги набавуваат од руски Гаспром, бидејќи од нив се снабдуваат и европски држави. Мицкоски рече дека мора брзо да се дејствува, бидејќи големите индустриски капацитети ги затвораат погоните.
Марина Стојанова Тонева
