Свет

Ураганот Иан предизвика огромни штети на Флорида

29.09.2022 20:47

Ураганот го променил изгледот на голем дел од државата, а на некои места нивото на водата се зголемило за половина метар за неколку часа. Никогаш не сме виделе вакви поплави, рече тој. Засега сѐ уште е рано да се процени штетата, наведуваат американските медиуми...

Гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис, соопшти дека ураганот Иан предизвикал историска штета во оваа сојузна американска држава. Ќе бидат потребни години за државата да се опорави од ураганот, нагласи ДеСантис.

Гувернерот на прес-конференција соопшти дека засега има сомнежи оти две лица станале жртви на стихијата. Тој рече дека ураганот го променил изгледот на голем дел од државата, а на некои места нивото на водата се зголемило за половина метар за неколку часа. Никогаш не сме виделе вакви поплави, рече тој. Засега сѐ уште е рано да се процени штетата, наведуваат американските медиуми.

Ураганот вчера попладне по локално време ја погоди државата Флорида како бура од четврта категорија. Тој го погоди копното во југозападниот дел на државата пред да продолжи да напредува кон исток. Потоа ослабе до тропска бура.

Американскиот претседател Џо Бајден прогласи состојба на значајна природна катастрофа за државата, овозможувајќи да се деблокираат дополнителни федерални средства за погодените области.