Ставрески: Мерката за отпис на долговите ќе почне да се применува веднаш по изборите
До септември целосно ќе биде завршено и граѓаните може да очекуваат, посебно оние најранливи категории дека со тоа ќе им се помогне многу да се ослободат од извршителите и од притисокот што досега го чувствуваа за наплата на долговите, најави Ставрески...

Веднаш по избори ќе почне примената на мерката за отпис на долговите за електрична енергија, за банките и за радиодифузната такса за ранливите категории, за која граѓаните покажаа голем интерес, изјави денеска носителот на листата на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ Зоран Ставрески.
Секаде каде што одиме граѓаните приоѓаат и прашуваат од кога ќе почне да се реализира и како ќе се реализира оваа мерка. Нашата политика и намера е веднаш по завршување на изборите да почнеме со реализација, односно со банките, со ЕВН и со Македонската радио телевизија да пристапиме кон идентификација на граѓаните, пред се, примателите на социјална помош, невработените, семејствата каде што има двајца невработени или ако е еден невработен и ако не е во брачна заедница. Сите нив ќе ги повикаме и ќе разговараме за висината на нивниот долг и ќе пристапиме кон отпишување на долгот и целата таа постапка ќе се заврши во период од два-три месеци. До септември целосно ќе биде завршено и граѓаните може да очекуваат, посебно оние најранливи категории дека со тоа ќе им се помогне многу да се ослободат од извршителите и од притисокот што досега го чувствуваа за наплата на долговите. Станува збор сепак за ранливи категории на граѓани кои реално немаат средства да го направат тоа, посочи Ставрески по посетата на текстилната конфекција „Тозо“ во Струмица.
