Зеленски: Путин мора да биде запрен
Кремљ официјално ќе објави анексија на четири окупирани украински територии по одржаните референдуми. Планираното припојување нема да ги даде очекуваните резултати. Путин мора да биде запрен за Русија да ги избегне најлошите последици од војната, повика Зеленски...

Русија може да ги избегне најлошите последици од војната против Украина, но за да се случи тоа, претседателот Путин мора да биде запрен, повика украинскиот претседател Зеленски. Според него, планираното припојување на четири украински региони од страна на Кремљ нема да ги даде очекуваните резултати.
„Окупаторот уништува секакви основи за живот, економијата, социјалната сфера и културата. За да го запрете ова, ќе мора да го запрете рускиот претседател кој сака војна повеќе од животот, вашиот живот“, порача украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Денеска Кремљ официјално ќе објави анексија на четири окупирани украински територии, откако во нив се одржа референдумот за анексија. Регионите Луганск, Доњецк, Керсон и Запорожје ќе бидат анекттирани за време на церемонијата на која ќе присуствува претседателот Путин, кој се очекува да одржи голем говор. Оваа најава предизвика осуда од Украина и западните земји.
„САД никогаш, нема да ги признаат Руските претензии за суверена територија на Украина. Овие таканаречени референдуми беа лажна, апсолутна измама. Резултатите беа произведени во Москва, а вистинската волја на украинскиот народ е очигледна секој ден, бидејќи го жртвуваа животот за да го спасат својот народ и да ја одржат независноста на нивната земја и во одбрана на слободата“, изјави претседателот на САД, Џо Бајден.
Во меѓувреме, очите на светската јавност се вперени и во можното истекување на гас од подводниот гасовод „Северен тек“. Русија ги отфрла обвинувањата дека таа стои зад овој инцидент оценувајќи го како терористички напад. Според Москва, над тој дел од територијалните води, контролата ја имаат САД. Западот најави единствен одговор за саботажата на цевководите, откако инспекцијата ќе даде одговори како настанала штетата.
Маријана Димовска
