Руско - украински конфликт

Путин го потпиша указот за присоединување на четирите украински територии

30.09.2022 12:59

Рускиот претседател Путин го потпиша указот за присоединување на четири украински територии кон Русија. Зеленски свика итен состанок на Советот за национална безбедност. Најавено вонредно обраќање на генералниот секретар на Алијансата, Столтенберг. Во близина на Запорожје најмалку 23 загинати, 28 ранети во руски ракетен напад на конвој со цивилни возила...

На Црвениот плоштад во Москва, на свечена церемонија, Претседателот Путин го потпишува указот за присоединување на четирите украински територии кон Русија. Лидерите на Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје присутни на големото обраќање на претседателот Путин. Русите со поделени мислења за потезите на власта.

„Се чувствувам лошо, тоа е територија на Украина“

„Мислам дека тоа е историски руска територија“

„Мислам дека тоа е тотална катастрофа, не само за Украина, туку и за Русија“.

Според експерти, слично на Крим, со додавање на четирите региони, Кремљ ќе може да ја оправда инвазијата врз Украина со заштита на нејзината територија и граѓаните. Киев и западните сојузници подготвуваат одговор на дејствијата на Кремљ.

„САД никогаш, нема да ги признаат Руските претензии за суверена територија на Украина. Овие таканаречени референдуми беа апсолутна измама. Резултатите беа произведени во Москва, а вистинската волја на украинскиот народ е очигледна. Тие го жртвуваа животот за да го спасат својот народ и да ја одржат независноста на нивната земја, во одбрана на слободата“, изјави претседателот на САД, Џо Бајден.

Русија може да ги избегне најлошите последици од војната против Украина, но за да се случи тоа, Путин мора да биде запрен, повика украинскиот претседател Зеленски. Свика итен состанок на советот за национална безбедност и одбрана на Украина.

„Окупаторот уништува секакви основи за живот – економијата, социјалната сфера и културата. За да го запрете ова, ќе мора да го запрете рускиот претседател кој сака војна повеќе од животот, вашиот живот“, порача украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Пред анексијата на четирите области со кои сега се овозможува копнена врска меѓу Русија и стратегискиот полуостров Крим, Путин изјави – доколку се случи украински напад на регионите тогаш Киев напаѓа руската територија. Во меѓувреме продолжува војната, Украина тврди дека руските сили утринава истрелале ракети врз хуманитарен конвој. Најмалку 23 лица загинаа, а десетици се ранети. Проруските сепаратисти тврдат дека украинската армија е одговорна за нападот. Во напад на југот на Украина во Миколаев девет лица се повредени. Ракети од С-300 погодиле 10-катна станбена зграда.

Маријана Димовска