Ремонтните активности во РЕК Битола течат со полна динамика
Во РЕК Битола течат подготовките во пресрет на почетокот на претстојнава грејна сезона. Ремонтните активности на првиот блок течат со полна динамика. По блокот еден, во ремонт ќе влезе и вториот блок. Од комбинатот најавуваат дека во ноември треба да биде монтиран и новиот трансформатор на третиот блок со што на располагање би биле трите термоелектрани…

Столбот на нашиот енергетски систем, РЕК Битола исправен пред испитот на зимските предизвици што ги наметнува енергетската криза. На околу половина месец до официјалниот почеток на грејната сезона, со полна динамика течат активностите за обезбедување на што повеќе количини на јаглен и техничко-технолошко освежување на постројките.
И покрај лимитираните човечки ресурси со сопствени сили и ангажман на стручни лица од домашни компании, успешно е направена почетната дефектажа на блокот за да се утврди реалната состојба на виталните делови со посебен акцент на цевководниот систем.
Што се однесува до обезбедувањето на потребните количини на јаглен, велат дека секојдневно со камиони тече дотурот на увозен јаглен, а оптимистички тонови доаѓаат и од рудникот Суводол каде се откриени нови површини на јаловинските слоеви.
Директорот на битолските термоелектрани вели дека по ставањето на мрежа на првиот блок, веднаш ќе следи ремонтното освежување и на блокот два. Очекува во ноември да започне монтирањето на новиот трансформатор на третиот блок, со што во РЕК Битола по подолг период на располагање би биле трите термоелектрани.
Стевче Митревски
