ЕУ ги истражува можностите за руска вмешаност во оштетувањата на „Северен тек“
Не стивнуваат реакциите и шпекулациите по последната пријава за четвртото истекување од гасоводот „Северен тек“ во Балтичко море. Европската унија ги истражува причините и можноста за руска вмешаност. Москва негира, прстот го впери во САД. Вашингтон ќе ја чека истрагата. Експертите стравуваат дека солената вода што навлегува во гасоводот може трајно да го оштети и да стане неупотреблив...

По пријавата за четвртото истекување од гасоводот „Северен тек“ во Балтичко море, не стивнуваат реакциите и обвинувањата за саботажа. НАТО предупреди дека секој намерен напад врз критичната инфраструктура на сојузниците ќе биде дочекан со обединет и решителен одговор. Европската унија ги истражува причините и можноста за руска вмешаност.
Москва негира. Ја повикаа ЕУ да биде објективна во истрагата. Сметаат оти најголема корист од прекинот на „Северен тек“ ќе имаат Соединетите Американски Држави. Велат дека доколку цевководите трајно се деактивираат, САД ќе можат да ја зголемат продажбата на течен природен гас.
„Видете го говорот на претседателот Бајден на 7-ми февруари, изјави, ако Русија ја нападне Украина, „Северен тек“ ќе биде мртов. Доколку гасоводот биде надвор од функција, тоа ќе им овозможи на САД да ги зголемат пратките на нивниот течен природен гас во ЕУ“, изјави Марија Захарова, портпаролка во Министерството за надворешни работи на Русија.
За САД, сè уште е рано да се каже што точно се случило.
„Кога зборуваме за нападот или оштетување на гасоводот, мислам дека во овој момент има многу шпекулации, но, искрено, додека не се спроведе целосна истрага, никој нема да може со сигурност да каже што точно се случило“, изјави секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин.
Гасоводите што го транспортираат рускиот гас до Европа минуваат покрај данскиот остров, Борнхолм во Балтичко море, но во меѓународните води. Тоа предизвика загриженост кај локалното население.
„Можеби се Русите, можеби се Украинците, навистина не знам“, рече Улрике пол, германска туристка.
„Мислам дека тоа е напад од Русите“, рече Рајнхард пол, германски турист.
„Ја доживеав студената војна. Руските бродови беа тука во оваа област. Во тоа време повеќе размислувавме за работите од она што го правиме сега“, рече Оле Ворм Нилсен.
Властите велат-нема причина за страв, не станува збор за напад врз Данска.
„Се разбира дека е сериозно. Но, како што нагласуваат нашите власти, ова не е напад врз Данска, ниту пак, врз Борнхолм“, изјави градоначалникот на Борнхолм, Џејкоб Траст.
„Постојано го мериме гасот што тече. Засега се чини се е нормално‘, рече Луиз Линг Бојесен, менаџер за итни случаи од Борнхолм.
Пред да се пријават истекувањата, биле снимени експлозии. Експертите велат дека цевките на гасоводот се специјално изградени за да издржат напади, така што експлозијата мора да била предизвикана од огромна сила. Гасоводот може и да стане неупотреблив поради навлегувањето на солената вода во него.
Бојана Крстевски
