Здравство

Нови процедури во лекувањето во Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања во Охрид

30.09.2022 14:34

Кардиоваскуларните заболувања се убиец број еден во светот. Поради тоа од огромно значење е постоењето на соодветни здравствени институции, како што е Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања од Охрид, коишто спасуваат голем број човечки животи. Оваа здравствена институција вчера го прослави својот 40-годишен јубилеј, при што беше најавено дека се воведуваат нови процедури во лекувањето како што е третманот на акутен мозочен удар…

Кардиоваскуларните заболувања се водечка причина за смртност во светот. Годишно од срцеви заболувања умираат 80 милиони и 500 илјади лица и поради тоа од огромно значење е обезбедувањето на соодветни услови за лекарите коишто вложуваат огромни напори и знаења за спасување на човечки животи. Ова беше речено на одбележувањето на 40-годишнината од формирањето на Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања од Охрид при што беше најавено дека вработените во иднина ќе изведуваат нови посложени и покомплексни процедури.

„Наша цел е третман на акутен мозочен удар со перкутални интервенции и други процедури. За ова ни е потребна современа дијагностичка апаратура и соодветни просторни услови, а нашиот тим покажа и докажа дека може да се носи со многу поголеми предизвици“, изјави д-р Елена Коваческа Башуроска, директор на Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања Охрид.

„Ако во изминатите 15 години откако почна одделот за интервентна кардиологија да работи со акутна патологија, со акутни инфаркти, ако таа трка полека ја добиваме сега можам во овој момент слободно да кажам дека го објавувам стартот на новата трка за спасување на мозочно ткиво“, додаде д-р Никола Бакрачески, раководител на оддел за интервентна кардиологија.

Специјалната болница каде што годишно се изведуваат 2.000 процедури постојано оди во чекор со модерната кардиологија што е од големо значење за пациентите.

„Да го честитам јубилејот на Заводот за кардиоваскуларни заболувања во Охрид којшто има огромен импакт во македонската кардиологија, односно покривајќи го овој југозападен регион од нашата држава придонесе многу во борбата против кардиоваскуларните заболувања“, изјави д-р Жан Зимбаков, директор на Клиника за кардиологија Скопје.

„Кардиолошкиот Завод како што расте по своите стручни достигнувања, не е само охридски, не е само регионален, туку и европски центар благодарение на тоа што Бакрачески и неговата екипа направија таква стручна екипа којашто се носи со сите европски текови“, нагласи д-р Виктор Топалоски, еден од основачите на болницата.

Инаку вчера попладне во Специјалната болница беше пуштен во употреба новиот ангиограф што ќе овозможи поквалитетни и побрзи услуги за пациентите.

Сашо Нелоски