Од денеска Русија поседува 15% од територијата на Украина
Петнаесет насто од Украина од денеска се руска територија. Путин го потпиша декретот, рече ова е овозможено од повелбата на Обединетите нации за самоопредулаање до отцепување. Никогаш нема да ја признаеме анексијата- став на Бајден и дел од меѓународната заедница...

„Народот избра, ова е негово право, наведено во начелата на Обединетите нации“, порача рускиот претседател Путин по потпишувањето на указот за присоединување на четирите украински територии кон Русија. На настанот на Црвениот плоштад присуствуваа и лидерите на Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје.
„Луѓето од овие региони донесоа одлука. Резултатите од референдумите се познати, добро познати. Сигурен сум дека Федералното собрание ќе ги поддржи четирите нови субјекти на Руската Федерација, зашто тоа е волјата на милиони луѓе“, рече рускиот претседател Владимир Путин.
Русите со поделени мислења за потезите на власта.
„Се чувствувам лошо, тоа е територија на Украина.“
„Мислам дека тоа е историски руска територија.“
„Им веруваме на владата и на претседателот, ги поддржуваме луѓето кои живеат таму. Се надевам дека нивното обединување ќе ни донесе корист.“
„Луѓето конечно ќе добијат моќ, слобода, некаква надеж за иднината, ќе ги вратат територијата, домовите, се што било уништено“, велат дел од граѓаните.
Експертите со став – со додавањето на четирите региони, Кремљ ќе може да ја оправда инвазијата врз Украина. Со анексијата се овозможува копнена врска меѓу Русија и стратегискиот полуостров Крим. Путин предупреди дека секој напад од Украина врз оваа територија ќе се третира како напад врз руска. Киев и западните сојузници и натаму едногласни – гласањето е нелегитимно, резултатите неважечки.
„Овие таканаречени референдуми беа апсолутна измама. Резултатите беа произведени во Москва, а вистинската волја на украинскиот народ е очигледна“, изјави американскиот претседател Џо Бајден.
„Окупаторот уништува секакви основи за живот - економијата, социјалната сфера и културата. За да го запрете ова, ќе мора да го запрете рускиот претседател кој сака војна повеќе од животот, вашиот живот“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Руската федерација како една од петте постојани членки на Советот за безбедност има посебна одговорност да ја почитува Повелбата. Секоја одлука за анектирање на регионите на Украина ќе биде без законска вредност и заслужува осуда“, нагласува Антонио Гутереш, Генерален секретар на ООН.
Во меѓувреме продолжува војната, Украина тврди дека руските сили утринава истрелале ракети врз хуманитарен конвој. Најмалку 23 лица загинаа, а десетици се ранети. Проруските сепаратисти тврдат дека украинската армија е одговорна за нападот.
Маја С. Филдишев
