Куманово

Расте интересот за органски производи

30.09.2022 16:52

Различни органски производи може да се видат на тридневниот Меѓународниот саем „Органска трпеза“, како и првиот „АГРО МАК“ саем, кој се одржува во Куманово. Над двесте излагачи од земјава, но и бројни европски држави, ги претставија своите производи. Производителите велат органското производство има иднина, но уште треба да се работи на свеста кај граѓаните.

Над двесте излагачи од земјава, но и од Србија, Хрватска, Словенија, Република Српска, Босна и Херцеговина, Словачка, Унгарија, Црна Гора, Косово, Турција ги изложија своите производи на 5-от меѓународниот саем „Органска трпеза“, како и првиот саем за земјоделство, технологии, храна и преработки „АГРО МАК”, кој се одржува во Куманово. Мед, чаеви, печурки, пекарски и млечни производи, јаткасти плодови, се дел од органските производи, кои може да се најдат на штандовите. Излагачите задоволни од промените и заинтересираноста на граѓаните за користење органска храна. Велат имаме редовни консументи, но има и граѓани кои не се информирани за бенефитите.

„На нашиот штанд има јапонска печурка шитаке, која во себе содржи над 40 состојки кои се редовно потребни на организмот. Со органското производство споро се оди, но ќе дојде момент кога поголемиот број од производстовото ќе биде органско, тоа е до свеста на луѓето“, вели Марјан Спиркоски од Битола, производител на печурки шитаке.

Од Комората на органските производители велат секоја година се поголем е бројот на излагачи од земјава, но и од останатите држави.

„Мислам дека повеќе од 60 проценти од правните субјекти во Македонија кои се чинители во делот на аграрот, производство на храна и преработки се присутни овде. Сите брендови ни се учесници и деца. Пошириока лепеза не се само индивидуални земјоделци и производители, мали средни претпријатија и балкански брендови ни се гости денеска“, посочи Драган Цветковиќ, претседател на Комората на органски производители.

Меѓународниот саем „Органска трпеза“ петта година по ред, како и првиот саем за земјоделство, технологии, храна и преработки „АГРО МАК”, го организира Комората на органски производители и здружението „Живот“ од Куманово. Саемите ќе траат наредните три дена. Освен изложбен дел на производи и опрема, ќе се одржи промоција и на општини, асоцијации, здруженија. Предвидени се и работилници, панел дискусии, предавања.

 

Елена Георгиевск