Земјоделство

Почна исплатата на зелената нафта

30.09.2022 16:59

Со доделување картички на прилепските земјоделци, од денеска Платежната агенција и официјално ја почна исплатата на зелената нафта за близу 50 илјади земјоделци во земјава, од кои 1.600 во прилепско. Ќе се исплаќаат субвенции за вештачките ѓубрива. За земјоделците пресудни се откупните цени...

Близу 50.000 земјоделци во земјава ќе добијат „зелена нафта“ за која државата одвои преку 250 милиона денари. Од нив 1.600 земјоделци се во прилепско за кои веќе почна исплатата на 10,7 милиони денари. Ова е навремено за есенската сеидба, велат од Платежната агенција, каде сметаат дека има стимул за зголемено земјоделско производство.

Се смета дека во Пелагониско за 30 насто ќе се зголемат површините со житни култури. Кон тоа е и големиот интерес за државно земјоделско земјиште. Преку 300 прилепски земјоделци зеле 2.600 хектари.

Земјоделците признаваат дека субвенциите помагаат, ама производството зависи од откупните цени. Дел од нив ја чуваат пченицата и чекаат повисока цена.

Со зелената нафта, исплатата на млекото, наскоро и за градинарските култури, се заокружуваат големите обврски од лани. Сега фокусот е на мерките од интервентниот фонд со новите 500 милиони денари од ребалансот на буџетот.

 

Елизабета Митреска