Пешевски на средба со стопанственици од Маврово и Ростуше
Стопанствениците изразија задоволство од досегашната соработка со Владата и локалната самоуправа...

Вицепремиерот Владимир Пешевски денес оствари работна посета на општина Маврово и Ростуше каде одржа средба со стопанственици од тој регион. За време на средбата, на која присуствуваше и градоначалникот на општината, Мукрем Мехмеди, се дискутираше за условите за водење бизнис во регионот како и можностите за подобрување и унапредување на бизнис климата.
Стопанствениците изразија задоволство од досегашната соработка со Владата и локалната самоуправа и ги поздравија мерките и чекорите кои оваа Влада ги презема во изминатиот период за континуирано подобрување на бизнис климата и условите за водење бизнис, соопштија од кабинетот на вицепремиерот.
„Денешната средба претставува мал дел од севкупните активности кои Владата ги спроведува за одржување на непречена комуникација и континуиран дијалог со бизнис заедницата. Владата на Република Македонија е особено фокусирана на олеснување на условите за делување на стопанствениците. Директните средби, од овој тип се особено важни за нас, со цел да ги слушнеме нивните сугестии и предлози, но во исто време и имаат за цел да им овозможат на претставниците на компаниите директно и детално да се запознаат со плановите и стратегиите на Владата поврзани за унапредување на бизнис климата“, изјави вицепремиерот Пешевски.
Според него јасно е дека стопанствениците од овој регион се заинтересирани и понатаму да се продолжи со истите политики насочени кон развој на приватниот сектор.
Тоа секако ја вклучува и досегашната поволна даночна политика на државата која овозможува реализација на развојните планови и инвестиции од страна на компаниите. Нивните сугестии директно влијаат во креирањето на економските политики во земјава, рече Пешевски.
