Уапсен главниот директор на нуклеарната централа Запорожје
Русите го привеле директорот на нуклеарната централа во Запорожје, обвинува Киев. Во Обединетите нации, Москва стави вето на резолуцијата за припојување на делови од Украина. И Турција ја осуди руската анексија, нарекувајќи ја кршење на меѓународното право...

Главниот директор на украинската нуклеарна централа Запорожје, која е под руска окупација, е уапсен од руската патрола, објави Енергоатом.
Игор Мурашов бил приведен на пат од најголемата европска нуклеарна централа до градот Енергодар.
Претседателот Зеленски повика на демилитаризација на областа околу електраната.
„Непријателот го почна овој ден со намерно и апсолутно пресметано убиство на украинците во запорожје. Ракетен напад врз цивилна поворка. Има мртви и повредени и трауматизирани. Нечовечки суштества го направиле тоа. Од првиот до последниот. Од оној што ја издал оваа наредба па се до секој што ја извршил“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Електраната Запорожје е една од централните точки на руската инвазија на Украина.
Русија стави вето на резолуцијата на ОН со која би се осудиле нејзините референдуми во четири украински региони како нелегални. САД порача дека светот е сè уште на страната на суверенитетот и заштитата на територијалниот интегритет.
„Нелегалните референдуми што Русија ги одржа во Украина и наводните анексии на украинска територија со сила се кршење на Повелбата на ОН и меѓународното право. Тие не менуваат ништо за статусот и границите на Украина. Тоа е цврсто убедување на Обединетите нации. Ниту една земја не гласаше со Русија“, Линда Томас-Гринфилд, амбасадор на САД во Обединетите нации.
Турција ја отфрли руската анексија на четирите региони во Украина, додавајќи дека тоа е „тешко кршење“ на меѓународното право.
Американскиот претседател Џо Бајден порача дека „Соединетите Американски Држави се спремни да го бранат секој сантиметар од територијата на НАТО“. Генералниот секретар на НАТО, пак, кажа дека одлуката на Путин за анексија е најсериозната ескалација на конфликтот, откако Русија ја нападна Украина во февруари.
Марина Ристова
