Стотици загинати по фудбалски натпревар во Индонезија
Најмалку 129 лица загинаа, а околу 180 се повредени во немирите што избувнаа по вчерашниот фудбалски натпревар во Индонезија. Натпреварот се одржа во градот Маланг, а по неговото завршување, навивачите на домашната екипа истрчаа на теренот и настана целосен хаос...

Најмалку 129 лица загинаа, а околу 180 се повредени во немирите што избувнаа по вчерашниот фудбалски натпревар во Индонезија.
Трагедијата се случи веднаш по натпреварот на двата најголеми клуба во оваа земја. Домашниот тим Арема ФК загуби со 2:3 од најголемиот ривал Персебаја Сурабаја. Натпреварот се одржа во градот Маланг, а по неговото завршување, навивачите на домашната екипа истрчаа на теренот и настана целосен хаос.
Полицијата употреби солзавец за да ја преземе контролата врз ситуацијата, која е забранета со правилата на ФИФА, а потоа настанала паника, која резултирала со многу смртни случаи од задушување.
Медиумите, вклучително и угледниот Си-Ен-Ен, објавија дека досега загинале 129 лица, а бројката може дури и да се зголеми. Ова е втор најтрагичен настан во историјата на фудбалот по број на жртви.
Фудбалскиот сојуз на Индонезија (ПССИ) ги суспендираше натпреварите следната недела поради трагедијата и му забрани на Арема ФК да биде домаќин на натпревари до крајот на сезоната. Во соопштението се додава дека инцидентот „го нарушил имиџот на индонезискиот фудбал“.
