Двојно зголемени цени, исти плати - граѓаните бараат построги контроли
Платите останаа исти, некои се зголемија минимално исто како и пензиите, а растот на цените на производите не запира. Не можеме да си дозволиме да ги купиме основните производи, оти дел од нив имаат цени двојно повисоки, за разлика од пред неколку месеци, велат граѓаните. Некои цени се и вештачки зголемени, затоа потребна е строга контрола на пазарот, сугерираат експертите...

Минимален раст на платите и пензиите, а цените неконтролирано растат, на некои производи се зголемени и за двојно.
Граѓаните велат дека се принудени да ги купуваат само основните производи, но и тие велат се прескапи. Лебот и млечните производи како основни артикли, сега станаа луксуз. Но, во сета оваа криза, во голем дел од маркетите гледаме дека вештачки се зголемени цените. Потребна е строга контрола од страна на надлежните, за да се заштитат потрошувачите, кои највеќе страдаат од ценовниот шок.
Во услови на намалена понуда поради војната во Украина, очекувано е во земја како Македонија која е зависна од увозот на многу производи, да имаме голема инфлација. Но, некои цени се вештачки зголемени и тоа е веќе коруптивно покачување, вели Универзитетскиот професор по макроекономија, Бардуљ Даути. Потребно е поефикасно работење на пазарниот инспекторат, и заштита на социјално ранливите категории.
Цените на основните производи и натаму ќе растат. Од млечната и месната индустрија најавија и намалување на вработените и затворање на компаниите кои се погодени од кризата, поради скапите енергенси.
Од пекарско – мелничката индустрија пак, истакнаа дека од крајот на ноември цената на лебот, брашното и печивата, ќе се зголеми за најмалку 10 проценти.
Причини за поскапувањето, велат, се скапата струја како и растот на берзанските цени на пченицата.
Зоран Димовски
