Свет

Расте бројот на загинати во стампедото на стадионот во Индонезија

02.10.2022 13:22

Фудбалско дерби во Индонезија се претвори во ужасна катастрофа. Над 174 лица загинаа во стампедо на кое му претходеа немири на стадионот, околу 300 луѓе побарале лекарска помош...

Расте бројот на загинати по дербито на индонезиското првенство, меѓу Арема и Персебаја откако полицијата употреби солзавец за да ги растера фудбалските навивачи кои ги нападнаа домашните фудбалери во провинцијата Источна Јава во Индонезија. Повеќето жртви починале поради недостаток на кислород за време на стампедо, откако навивачите влегле на теренот на стадионот бидејќи домаќинот на натпреварот загубил од ривалскиот клуб.

„Сè се случи толку брзо, па полицијата презеде акција врз основа на одмерената проценка на ситуацијата, бидејќи по два пати по 45 минути дел од симпатизерите упаднаа на теренот што ја принуди полицијата да преземе превентивни мерки“, изјави Јунус Нуси, генерален секретар, Фудбалскиот сојуз на Индонезија.

Се проценува дека околу 300 луѓе побарале лекарска помош, а министерот за одбрана на Индонезија тврди дека на стадионот имало околу 4.000 гледачи повеќе, од капацитетот на седиштата.

„Од вкупно 93 пациенти лекуваме четворица мажи кои имаат тешки повреди на главата и сега ги ставивме на понатамошно лекување“, информираше Д-р Боби Прабово, директор на болницата Канџурухан.

„Во име на претседателот на Фудбалскиот сојуз на Индонезија, би сакал да изразам сочувство за трагедијата што се случи на стадионот Канџурухан, која однесе многу животи. Фудбалската асоцијација на Индонезија длабоко жали за она што се случи и се надеваме дека нема да има други слични инциденти во иднина“, изјави Јунус Нуси, генерален секретар, Фудбалскиот сојуз на Индонезија.

Според правилата на ФИФА, солзавец не смее да се користи на фудбалски натпревари, но полицијата тврди дека тоа било изнудено поради хаосот кој се заканувал да настане. Додека не се утврди како дошло до катастрофата, нема да има фудбал во Индонезија.

 

Марина Ристова