Ковачевски до Мицкоски: Не е време за дуели и средби, туку за работа
Жалам што премиерот и министрите во Владата во важни моменти не можат да ја надминат суетата – одговори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски откако премиерот и вицепремиерот одбија средба со него. Според Ковачевски, не е време за дуели и средби, туку е време за работа. Битиќи го повика да учествува во Економскиот совет...

Жалам што премиерот и министрите во Владата во вакви исклучително сложени и важни моменти за Македонија, граѓаните и стопанството никако не можат да ја надминат својата суета, еднаш да го остават политикантството и да се стават на страната на државата и граѓаните, објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Побарав средба со Димитар Ковачевски за да го образложам концептот за оваа, но и за следната година, како да се оптимизира искористувањето на домашните ресурси и да се обезбеди евтин енергенс. Дезертираше, одби! Го повикав и Фатмир Битиќи, како одговорен за економски прашања во Владата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, одби да дојде. Доколку сакате да покажете дека не се точни информациите за големи провизии од увозот на мазут, транспортот преку инстант компании на јаглен и сè уште нејасната конструкција за гасот и затоплувањето на граѓаните, тогаш ви стојам на располагање да го објаснам концептот што го нудам“, вели Мицкоски.
Премиерот Ковачевски на понудата на Мицкоски возврати – на последниот Економски совет во проширен состав, покана беше испратена и до ВМРО-ДПМНЕ, но, за жал, ниту еден претставник од опозициската партија не се појави.
„Поканата за нив останува отворена и за следниот Економски совет кој ќе се одржи оваа в среда. Владата е отворена и тие се секако добредојдени да ги презентираат решенијата кои ги имаат. Сметам дека е потребно да потенцирам дека економските политики се креираат институционално, во Владата на Економскиот совет, со учество на сите засегнати страни. Одлуките, пак, се носат на владини комисии и седница, не на партиски штабови и со помош на партиски структури, вели премиерот Ковачевски. Оваа тешка зима и економско-енергетска криза ќе се преброди само доколку сите сме насочени кон изнаоѓање на решенија кои ќе обезбедат енергенси, струја и храна за граѓаните. Ова не е време за политички поени и лицитации, покани за дуели и средби туку време за работа, за заедништво и за креирање на политики за добробит на сите граѓани“, вели премиерот Ковачевски.
Претходно и вицепремиерот Битиќи ја одби поканата на Мицкоски со образложение дека нема потреба од разговор во четири очи, зад затворени врати. Комплексноста на оваа криза од нас бара да се кренеме над себе, бидејќи солидарност, одговорност и колективна мудрост е она што ќе нè изнесе низ неа, посочи тој.
Игор Панов
