Македонија

МВР: Приведен измамник кој лажел повозрасни лица за да им изнуди пари

02.10.2022 14:28

Денеска во 09:00 часот на Граничниот премин Деве Баир полициски службеници го лишија од слобода Н.П.С. (34) од Плевен, Република Бугарија. Во периодот од 18.09 до 01.10. на подрачјето на СВР Скопје биле пријавени осум измами, при што од оштетените-повозрасни лица, тој успеал да одземе околу 40.000 евра и злато во вредност од околу 10.000 евра...

Денеска во 09:00 часот на Граничниот премин Деве Баир полициски службеници го лишија од слобода Н.П.С. (34) од Плевен, Република Бугарија.

По претходно преземени оперативно тактички мерки од страна на СВР Скопје и добиени оперативни податоци од бугарските полициски служби, утврдено е дека Н.П.С. е сторител на повеќе кривични дела „измама“ по чл. 247 од КЗ.

Имено, во периодот од 18.09 до 01.10. на подрачјето на СВР Скопје биле пријавени осум измами, при што од оштетените-повозрасни лица, тој успеал да одземе околу 40.000 евра и злато во вредност од околу 10.000 евра.

Измамникот успевал оштетените да ги доведе во заблуда телефонски јавувајќи им се и кажувајќи им дека член на нивното потесно семејство наводно предизвикал сообраќајна несреќа, при што има загинато дете, и доколку сака да го спаси од одење во затвор, барал од оштетените поголема сума на пари.

При извршениот претрес кај Н.П.С. се пронајдени 10.400 евра, картички за телефон, телефон и други предмети поврзани со кривичните дела. По документирање на случаите, ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното обвинителство.