Се чистат дивите депонии во Кумановско
Во Куманово и околина има 40-ина диви депонии. Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ започна со акции за чистење. Надлежните се надеваат дека ќе проработи свеста и дека повеќе нема да се загадува животната средина. Градот веќе селектира стакло, но помалку успешно хартија и пластика. Проблем се собирачите на овој вид отпад, кои ги уништуваат садовите...

Се чистат дивите депонии во Куманово. Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ повторно организира акции. Се работи во централното подрачје, но и во руралните средини. Според анализите во кумановско има околу 40 депонии. Надлежните апелираат на совест од граѓаните и посочуваат дека е потребна соработка со инспекцијата. Укажуваат дека изминативе неколку месеци во просек се изнесува од 2.800 до 3.200 тони смет.
„Упативме безброј апели до граѓаните меѓутоа како и да е таму повторно продолжува истиот тренд на создавање на таа депонија, која претставува проблем, особено за жителите коишто живеат во населбата Перо Чичо бидејќи како што знаете, често доаѓа до палење“, истакна Даниел Стојчевски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“ Куманово.
Од кумановското комунално претпријатие уверуваат дека се работи согласно динамичниот план, и подобрени се условите за изнесување на смет.
„Се работи за бројка од некаде 900 дополнителни садови за смет само во изминатата година. Мислам дека речиси 90 проценти од населените места и селата се покриени со нови садови за смет а во централното градско подрачје дополнително работиме и на поставување на полуподземни контејнери“, истакна Стојчевски.
Општина Куманово од пред три години започна со селекција на отпад. Селекцијата на стакло се реализира успешно, но не и на хартија и пластика. Проблем се собирачите на овој вид отпад, кои ги уништуваат садовите. Општината годинава за полуподземни контејнери одвои речиси осум милиони денари.
Елена Георгиевска
