Македонија

Пронајдено телото на 22-годишното момчето што падна во водите на Вардар

02.10.2022 16:13

Утринава во реката Вардар е најдено телото на Ердон Рамадани, 22-годишното момче кое на 27 септември излета од автопатот Тетово-Скопје. Телото е идентификувано и од семејството. Младиот Ердон со возило фолксваген голф излета од коловозната лента на автопатот кај мостот што поминува над реката Вардар во близина на Желино...

По шест дена интензивна потрага денеска се пронајде телото на 22-годишниот кумановец Ердон Рамадани, во водите на реката Вардар, на петстотини метри од тетовската касарна Еребино.

По наоѓање на телото, извршена е идентификација од најблиските членови на семејството на момчето од Куманово.

Веста за пронајденото момче прв ја објави градоначалникот на Општина Желино. Блерим Сејдиу. Тој упати сочувство до семејството, но и благодарност до мештаните од неговата општина, кои помагаа во потрагата.

„Најден е младиот кумановец, во реката Вардар. Благодарност до сите спасувачки екипи кои придонесоа во текот на сите овие денови. Длабоко сочувство до семејството“, порача преку социјална мрежа Блерим Сејдиу.

По телото на Рамадани се трагаше долж реката Вардар, од мостот кај село Желино сè до селата во општина Јегуновце. Се прегледуваше и скопскиот регион. Во потрагата беа вклучени специјални единици на МВР, со чамци и кучиња трагачи, Дирекцијата за заштита и спасување и пожарникарите од Тетово.

Момчето од Куманово во вторникот бил да го уплати последниот семестар од студиите на Тетовскиот Универзитет. Пред да трне од Тетово му се јавил на неговиот татко дека завршил работа, тоа биле и неговите последните зборови кои ги слушнал од синот, чие мртво тело денеска беше пронајдено.

Зоран Димовски