Велес

Претставата „Одисеј“ на театарот од Пловдив, добитник на гран при наградата на фестивалот на античка драма

02.10.2022 16:29

Во Велес заврши 19-тото издание на фестивалот на античка драма „Стоби“. Гран при и награда за режија доби претставата „Одисеј“ на театарот од Пловдив Бугарија, додека актерските награди за претставата „Ифигенеја“ копродукција на театри од Црна Гора...

Со прогласувањето на победниците и доделувањето на наградите заврши 19-тото издание на Фестивалот на античка драм „Стоби“. Жирито во состав Ѓорѓи Јолевски, Билјана Драгичевиќ Пројковска актери и режисерот Дејан Дамјановски едногласно одлучиле по две награди да им припаднат на претставите од Бугарија и од Црна гора. Гран при и за режија наградена е претставата „Одисеј“ според Хомер, во режија на Дијана Добрева на Драмскиот театар од Пловдив, претстава со 35 актери и танчари, која ја воодушеви и публиката.

„Вечерта кога ја одигравме претставата ми го потврди моето мислење, дека една од најголемите цели на театарот е да ги обединува луѓето. Тоа што во Велес го доживеавме, беше момент на многу љубов и на многу радост“, рече Дијана Добрева, режисерка на претставата „Одисеј“.

Добрева ја има работено претставата „Магбет“ на Албанскиот театар од Скопје а на Фестивалот „Скупи“ има гостувано со „Слугинки“ од Жане. Актерски награди ги добија Јелена Ѓукиќ како Клитемнестра и Ѓорѓе Татиќ како Агамемнон кои настапија во претставата „Ифигенеја“ копродукција на театрите од Колашин и Бијело Поље од Црна Гора.

Во официјална конкуренција на фестивалот беа пет претстави, сите од странство и се одиграа на сцената на Велешки театар, бидејќи античкиот во локалитетот Стоби се обновува. Во чест на наградените беше изведен балетот „Госпоѓиците од Авињон“ на Македонската опера и балет.

Петар Печков