Избори во БИХ: Над 3.3 милиони гласачи бираат 518 функционери
Општи избори денеска се одржуваат во Босна и Херцеговина. Најголемо внимание на изборите се очекува да биде насочено кон изборот на претседателството, но и на идниот претседател на Република Српска...

Деветти општи избори во Бих за избор на претставници на власта на сите нивоа за следните четири години. Изборот на над 3.3 милиони гласачи на 5.900 избирачки места е за 518 функционери, меѓу кои тројца членови на претседателството на БИХ, пратеници во Претставничкиот дом на Парламентарното собрание и пратеници на Претставничкиот дом на Парламентот на Босна и Херцеговина, како и пратеници во сите 10 кантони и претседател на Република Српска.
„Кога ќе ги видат овие избори, пола народ ќе ги пропушти, не дека нема да оди на избори, но ги нема, отидоа“.
„Се зависи од тоа дали ќе избереме некој што навистина вреди, овие партии веќе избраа луѓе кои не можат да го водат народот напред.“
„Очекуваме промени, се надевам дека младите ќе бидат најдобри, но не знам за нас, јас сум во канцеларија 25 години и никој никогаш не ми помогна“.
„Гласав да ја спасам Српската Република“.
Изборот е меѓу 90 партии, 38 коалиции и 17 независни кандидати, што е најмалку досега.
„Сакам што е можно повеќе граѓани да излезат на гласање и да ја изразат својата волја и на тој начин да ги одредат политичките структури кои ќе учествуваат во многу важни процеси за Босна и Херцеговина“, изјави Шефик Џаферовиќ, претседател на Претседателството на Босна и Херцеговина.
„Ги поканувам сите оние кои сакаат добро за Босна и Херцеговина масовно да гласаме на изборите во Босна и Херцеговина низ нашата татковина.“, изјави Драган Човиќ, претседател на Хрватската демократска заедница на Босна и Херцеговина.
„Мислам дека СДА ќе направи добар резултат и ќе добие подобра поддршка од последните општи избори. Ќе победам ако даде Господ и ќе влезам во Претседателството на Босна и Херцеговина“, изјави Бакир Изетбеговиќ, Партија за демократска акција на Босна и Херцеговина
И покрај инсистирање на Хрватите во БИХ за измена на Изборниот закон, сепак овие општи избори се спроведоа според старите изборни правила, освен некои детали што ги наметна високиот претставник за БИХ, Кристијан Шмит. Измена на Изборниот законик беше една од условите БИХ да добие кандидатски статус за Европската унија. Првите резултати од изборите се очекуваат околу полноќ, а рокот за објавување на конечните резултати е еден месец. На 1-ви ноември БИХ би требало да добие ново претседателство и државен парламент, како и парламенти на Федерацијата Бих и на Република Српска.
Ирина Гелевска
