Отпис на долговите за подобар живот
Неплатени долгови за парно, струја, банкарски минуси. За да им помогне на социјално ранливите категории граѓани, Владата најави мерка за отпис на долгови. За најзагрозените мерката е надеж за подобар живот...

Има семејства мeѓу социјално ранливите категории во Македонија кои едвај преживуваат. Долговите за комуналии им се трупаат. Со минимални примања, и за школување на децата бараат чаре. Живеат во минимум услови. Нестабилната економска ситуација негативно се одразува на психосоцијалната состојба. Секој денар им дава трошка надеж, вака раскажуваат од Црвениот крст.
„Луѓето се паднати во криза и треба да им се помогне во вакви моменти...Треба да им се подаде рака...Луѓето што се нашле во долгови заслужуваат да им се помогне...“ – велат граѓаните.
Повеќе од 60-тина илјади семејства во Македонија кои земаат социјална помош се корисници на државни субвенции, 700 денари месечно, надоместок за потрошувачката на енергија, мерка воведена пред четири години. Најавеното отпишување на достасаните долгови им влева надеж, ќе им помогне да ги надминат последиците од економската криза.
„Многу е полесно кога едно семејство има редовни месечни примања, потешко е кога има ситуација кога нема и долговите се трупаат, дали е тоа зголемување на парична помош или нешто што ќе им помогне да го зголемат буџетот во текот на месецот ќе има позитивен ефект“, вели Сузана Пауновска, генерален секретар на Црвен Крст.
И дел од компaниите потврдија дека Владата подолго преговара со нив за отпис на неплатени, а достасани долгови за парно, струја, радиодифузна такса, банкарски минуси за социјално ранливите категории граѓани.
Сузана Фиданска- Стоевска
