Земјоделство

Дополнителни субвенции за производителите на зелка и на слива

03.10.2022 08:31

Производителите на зелка и на слива ќе добијат дополнителна субвенција за периодот кога поради нарушување на пазарот откупните цени беа многу ниски. Средствата ќе се обезбедат од интервентниот фонд, и тоа 3 денари за килограм зелка и 2 до 4 денари за сливата предадена до 30-ти септември.

Со новата дополнителна мерка се обезбедува за финансиска поддршка од 3 денари за килограм за произведена и предадена зелка за периодот од 13-ти април до 7-ми мај 2022-ра година.

Корисници на оваа мерка се регистрирани земјоделски стопанства кои веќе имаат поднесено барања за субвенции и кои го имаат предадено родот кај регистрирани откупувачи. Максималното прифатливо количество за кое се обезбедува поддршката е до 30.000 килограми зелка по хектар пријавена површина.

Дополнително се обезбедува и финансиска поддршка за произведена и предадена слива кај регистрирани откупувачи за период од 20-ти август до 30-ти септември 2022-ра година. Корисници на оваа мерка се земјоделските стопанства кои оваа сезона исто така имаат овошен насад од слива со поднесено барање за субвенции и производството го имаат предадено во регистрирани капацитети за откуп.

Поддршката следува за максимум произведено количество до 17.000 килограми по хектар.

Висината на субвенцијата за откупена слива за месец август изнесува 2 денари, додека за откупена слива за месец септември изнесува 4 денари по килограм.

Методија Трајков