Тренчевска: Дневниот центар за деца со попреченост во Липково ја потврдува успешноста на социјалната реформа
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со градоначалникот на Општина Липково, Еркан Арифи, го посети специјализираниот центар за дневен престој на деца со попреченост, лоциран во населеното место Оризаре...

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со градоначалникот на Општина Липково, Еркан Арифи, го посети специјализираниот центар за дневен престој на деца со попреченост, лоциран во населеното место Оризаре.
По приближно една година од добивањето на дозволата за вршење дејност од областа на социјалната заштита, во овој современ специјализиран Дневен центар на дневно ниво престојуваат 14 деца, а истиот има капацитет од 38 деца со попреченост од повеќе населени места во општината Липково.
Воспоставувањето на оваа социјална услуга и работата на овој Дневен центар се дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги што го имплементира Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светска банка.
„Многу ме радува што гледам дека овој центар работи успешно и што навистина имаме неверојатен напредок кај децата кои престојуваат овде. Им честитам на целокупниот персонал кој со својата посветена и стручна работа се грижат и овие деца со попреченост кои живеат во помалите населени места да добијат еднакви можности да се интегрираат во образовниот и општествениот живот. Тоа се совпаѓа со заложбите на владата и на министерството, како и со основните цели на социјалната реформа, а тоа е да се овозможи пристап до неопходните социјални услуги на сите оние на кои тие им се потребни, вклучувајќи ги најранливите групи во општеството, како и оние што живеат во руралните и оддалечените места во државата. Востанувањето и успешното функционирање на овој центар е најдобар показател дека социјалната реформа е успешна“, изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Со центарот управува здружението „Имаго плус“, чии вработени, кои поседуваат лиценци за ваков вид дејност, преку индивидуален пристап, обезбедуваат професионален и стручен третман за нега и рехабилитација на секое дете во центарот, подготвувајќи ги успешно да се интегрираат во образовниот и општествениот живот. Услугата што ја добиваат децата во овој центар предвидува индивидуална, групна и окупациска терапија која на децата им помага да го зачуваат и унапредат своето здравје и истовремено да го поттикнат нивниот интелектуален, емоционален и социјален развој. Покрај тоа во овој центар се спроведуваат и стручни советувања и работилници за поддршка на родителите на децата.
