Запорожје под оган, уништен Центар за деца со посебни потреби
Ракетирано Запорожје. Уништен и Центарот за рехабилитација на деца со посебни потреби. Киев вели украинските трупи напредуваат во Доњецк. Руската Дума на пленарна седница за усвојување на нацрт-амандманите за анексијата на четирите украински области...

Запорожје повторно под оган. Во ракетниот напад има повредени, а уништен е и Центарот за рехабилитација за деца со посебни потреби. Враќањето на Лиман се смета за најголем успех на украинските сили на фронтот во последните неколку недели од битките. Москва претходно соопшти дека ги повлекува трупите на поповолни позиции. Според Киев, украинските трупи и натаму напредуваат во Доњецк.
„Пријатели, и покрај сè што се случи, сè е под контрола во правец на Херсон. Нацистите навлегоа малку подлабоко, но нашиот одбранбен систем функционира“, изјави Кирил Стремузов, заменик-шеф на цивилно-воената администрација на Херсон.
И натаму продолжува егзодусот на мажи од Русија поради наредбата за делумна мобилизација.
„Во Истанбул стигнав поради политичките одлуки на Владата. Минатата недела се смени сè и за мене и за стотици илјади други кои решија да заминат“, рече Ники Прошин, влогер и мигрант од Русија.
„Никогаш нема да се борам против Украина. Ја поддржував Украина цело време. Дадов дури и донации за украинската армија, но мобилизацијата беше последниот чекор за мене“, рече Максим Бочваров, антовоен активист.
Оние кои решија да останат и да се борат против својот западен сосед на дополнителна обука.
„Треба да докажете на дело дека рускиот дух, народ се една целина. Мултинационалните граѓани на територијата на Русија не можат мирно да гледаат како фашистичката хидра, со крената глава, шета низ земјата која им припаѓа на нашите пријатели и браќа“, изјави капетан Сергеј Желнаков, командант на балтичката флота.
„Ќе им помогнеме на нашите момчиња, бевме на обука во Калининград. Пукавме, трчавме, копавме, подготвени сме.“
Руската Дума на пленарна седница за усвојување на нацрт-амандманите за анексијата на четирите украински области во кои беше одржан референдум.
Маја С. Филдишев
