В среда седница на Економскиот совет
Клуч на врата или редукција на производството најави бизнисот ако до 5-ти октомври нема мерки за ублажување на ценовниот удар на енергенсите. За в среда е закажана седница на Енергетскиот совет во проширен состав. Да ги сподели предлозите е поканет и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Премиерот Ковачевски вели дека тоа е местото каде што се носат економските политики. Мицкоски со став – тоа тело не нуди решенија...

В среда, состанок на Економскиот совет на Владата. Телото ќе заседава во проширен состав. Се очекуваат мерки и решенија за ублажување на ценовниот удар од изгор скапата струја. Владата признава дека досегашните преговори со четирите држави сè уште не резултираше со договор, но уверува дека има политичка волја за надминување на законските пречки со Бугарија и техничките предизвици за складирање на гасот и размена на струја со Србија. На состанокот, што ќе се одржи во проширен состав, поканет е и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, за да ги сподели предлозите и контактите кои изминатиов период ги најавуваше.
„Местото каде се носат економски политики е Владата односно во економскиот совет во проширен состав, кој функционираше во корона кризата. Сите решенија од таму беа преточени во одлуки на комисии, тела и седници на Влада. Тоа е институционалниот начин за одлуки. Во среда има закажано состанок, каде поканети ќе се претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и двајца економисти од ВМРО-ДПМНЕ кои и претходно беа поканети, но не дојдоа“, рече Ковачевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски не гледа потреба да дојде на Економскиот совет во Владата, бидејќи според него, тоа тело не нуди решенија.
„Јас уште на 29 септември побарав прием кај премиерот Димитар Ковачевски, денеска сме 3 октомври, 5 дена потоа, од Димитар Ковачевски сè уште не добив одговор. Ме кани Битиќи на тело коешто досега ништо успешно не решило, зошто ова би го решило тоа успешно?“ рече Мицкоски.
Во меѓувреме, Стопанската Комора бара од Владата најдоцна до среда да донесе мерки кои ќе го ублажат силниот ценовен удар на енергенсите и на електричната енергија. Оттаму предупредуваат, доколку не се делува итно, ќе дојде до катастрофални последици и затворање на компании.
„Започнат е процесот на намалување на вработените, редуцирање на производството и на затворање на капацитетите. Ескалацијата ќе биде во наредните два месеци кога се склучуваат договорите за снабдување со струја за наредната година.“
Власта вели се бара решение за повеќе од 1.300 компании кои се снабдуваат со електрична енергија од слободниот пазар. Вицепремиерот за економски прашања Битиќи посочи дека затворањето на капацитетите не е само поради енергетската криза.
Согласно последните одлуки, на регулиран пазар ќе бидат и здравствените и образовните установи.
Марина Тонева Стојанова
