Фотографија со Реџепи дополнително го разгори „пожарот“ во ДУИ
На повидок нови превирања во ДУИ. Градоначалникот на Сарај, Беџети и пратеникот Меџити, и двајцата дел од таканаречената „Огнена група“ дополнително го разбудија интересот на јавноста откако објавија заедничка фотографија со независниот пратеник Кастриот Реџепи со порака „заедно“. Артан груби од ДУИ одбегна директно да го коментира потегот...

Пожарот кој „Огнената група“ го распали во ДУИ не стивнува и покрај уверувањата од врвот на Интегративците, напротив, дополнително се разгорува, откако синоќа беше објавена фотографија на која се пратеникот од ДУИ, Меџити, независниот Кастриот Реџепи и градоначалникот на Сарај, Беџети, со единствена порака „заедно“. Ова ги подгреа шпекулациите дека Кастриот Реџепи ќе им се приклучи на одметнатите. Реџепи на јавноста и стана познат откако лани ги поремети сметките на опозицијата да го преземе мнозинтвото во Собранието и да ја урне Владата. По ова, беше исклучен од Беса и промовираше проект во Собранието „Европа 21“ со цел обединување на прогресивните политички сили за задржување на европската перспектива на земјава.
„Огнените“ бараат оставка од првиот вицепремиер Артан Груби и уште неколку министри или пак, лидерот Али Ахмети да ги смени.
Првиот вицепремиер Артан Груби на прашањето како ги коментира случувања во ДУИ, само кусо одговори дека тоа е прашање на претседателот Ахмети и на органите на партија.
„Јас сум министер кој извршува, и се фокусирам на реализцијата на капиталните проекти, рече Груби.
Во меѓувреме, во политичките кулоари се споменува интерпелација против Артан Групи, но од Движењето Беса ниту потврдуваат, ниту демантираат. Аријанит Хоџа, рече дека неделава јавноста ќе биде информирана. Евентуална интерпелација ќе биде тест за пратеничката група на ДУИ.
Игор Панов
