Почеток на билатералниот скрининг во октомври, извештај на ЕК следната недела
Објаснувачкиот скрининг завршува во ноември, а билатералниот почнува веќе на почетокот на октомври, објаснува главниот преговарач со ЕУ, Маричиќ. Следната недела, Европската комисија ќе подготви нови извештај за напредокот на земјава...

На 7-ми октомври почнува билатералниот скрининг со внатрешен пазар, од кога одвоени од Албанија, ќе даваме оценка и објаснуваме до каде сме со усогласувањето со европското законодавство.
Главниот преговарач Маричиќ, соопшти дека сигурно пред билатералниот скрининг ќе добиеме прашалници за поглавјата 23 и 24 од првиот кластер темели. Ќе треба да одговориме и во кои области ќе бараме транзициски период по членството за усогласување со европските закони. До ноември, Маричиќ смета дека ќе го завршиме скринингот за поглавјата од кластерите 1, 2 и 3 што се три од петте кластерите поглавја. Четвртиот кластер за транспорт и животна средина ќе го отвориме во март догодина, а последен петтиот за земјоделство во септември 2023-та.
Во март догодина ќе ни бидат дадени три патокази како инструменти за владеење на правото, реформа на јавната администрација и функционирање на демократските институции. На крајот од објаснувачкиот скрининг во ноември, Европската комисија ќе подготви извештај што треба да се усвои од советот на ЕУ со добиени одредници или мерила за отворање на поглавјата. До ноември, македонскиот преговарачки тим ќе се дополни со главен преговарач антикорупционер, економист и правник, што ќе ги координираат овие области во сите поглавја.
Билатералниот скрининг треба да заврши до ноември 2023-та, до кога имаме рок да направиме уставни измени за вметнување на Бугарите како услов за отворање на поглавјата. Маричиќ посочи дека може да се појави потреба за уставни промени и за области опфатени од поглавјата.
Ирина Гелевска
