ЕУ го осуди лансирањето ракета од Северна Кореја како неоправдана агресија
Јапонија ги подигна борбените авиони, откако Северна Кореја лансираше нова балистичка ракета која го прелета северниот дел од земјата. Наредена евакуација на островот Хокаидо, прекинат и железничкиот сообраќај. САД и Јужна Кореја со осуда за инцидентот...

„Се чини дека Северна Кореја истрела проектил. Ве молиме засолнете се во зграда или под земја.“
Сирени за тревога рано изутрината се огласија во Јапонија, откако нова балистичка ракета со среден дострел лансирана од Северна Кореја ја прелета земјата. Властите во Токио наредија евакуација на луѓето на островот Хокаидо. Затворен и железничкиот сообраќај.
„Тоа е страшно.“
„Ги слушнав сирените, па не отидов на риболов и чекав.“
Јапонското Министерство за одбрана активираше борбени авиони, нареди да се пронајдат остатоците од проектилот.
„Серијата акции на Северна Кореја, вклучително и нејзиното ракетно истрелување кое упорно и еднострано ескалира провокација, ја загрозува Јапонија и регионот, како и меѓународната заедница. Без разлика какви се намерите, повторените лансирања на балистички ракети од Северна Кореја се апсолутно недозволиви и не можеме да ја занемариме нејзината напредна ракетна технологија“, рече Јасуказу Хамада, министер за одбрана на Јапонија.
Јапонскиот премиер Кишида, лансирањето го оцени како непромислен чин.
„Лансирањето на балистичката ракета е непромислен чин и јас силно го осудувам“, рече Фумио Кишида, премиер на Јапонија.
Според властите, растојанието на летот од околу 4.600 километри е најдолго споредено со минатите ракети лансирани од Северна Кореја.
„Балистичката ракета прелета над Јапонија во близина на префектурата Аомори, а потоа падна надвор од ексклузивната економска зона на Јапонија, во Тихиот Океан. Северна Кореја лансираше 20 балистички ракети годинава. Тоа е предизвик за целата меѓународна заедница“, рече Хироказу Мацуно, главен секретар на кабинетот на Јапонија.
Јужна Кореја го осуди севернокорејското лансирање.
„Таквата непромислена нуклеарна провокација ќе се соочи со решителен одговор од нашата војска, нашите сојузници и меѓународната заедница“, изјави Јун Сук Јеол, јужнокорејскиот претседател.
Реакции и од Брисел. Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изјави оти тоа е неоправдана агресија и намерен обид да се загрози безбедноста на регионот – напиша Мишел на твитер. Лансирањето го осудија и САД.
Бојана Крстевски
