Средба

Ристов: Владата не одбива, но бара повеќе време

04.10.2022 13:14

Без конкретен епилог средбата на премиерот Ковачевски и министерот за образование Шаќири со синдикатот на УКИМ. Политичка волја за решавање на нивните барања има, но владата побара дополнително време за да се направат пресметки. Синдикалците бараат зголемување на платите за 25 проценти годишно и потпишување колективен договор...

Владата има разбирање за барањата на сојузот на синдикати на УКИМ за повисоки плати, но побарано е повеќе време да направат пресметки. Ова е исходот од средбата меѓу претставниците на синдикатот со премиерот Ковачевски, министрите за образование и финансии, Шаќири и Бесими. Претседателот на синдикатот Ристов е задоволен од првата средба, но вели ќе треба нова за да се разгледаат сите опции.

Од синдикатот велат дека нивниот проблем мора да се реши, бидејќи македонските професори земаат најниска плата во регионот. Се жалат дека државата одвојува малку пари за науката, а условите за работа на професорите и на ненаставниот кадар се под стандардите.

Прашан за септемвриското зголемување од 7 отсто на платите, Ристов одговори дека покачувањето е минимално и не го вклучува ненаставниот кадар. Но, договорена е нова средба на Владата со претставници на синдикатот.

Викторија Милевска