„Земја“ на Бојана Артиновска Трпческа во КСП Центар - Јадро
Вечерва во КСП „Центар – Јадро“ својата самостојна изложба „Земја“ ќе ја претстави уметницата Бојана Артиновска Трпческа. Отворањето на изложбата ќе биде придружено и збогатено со поетски перформанс на авторите Тихомир Јанчовски, Елена Пренџова, Марија Г. Вардарска и Горазд Китановски...

Вечерва во КСП „Центар – Јадро“ својата самостојна изложба „Земја“ ќе ја претстави уметницата Бојана Артиновска Трпческа.
Отворањето на изложбата ќе биде придружено и збогатено со поетски перформанс на авторите Тихомир Јанчовски, Елена Пренџова, Марија Г. Вардарска и Горазд Китановски.
„Стремежот за автономни својства на обликот и експресивниот сензибилитет на бојата ја откриваат амбициозната творечка тенденција на Бојана Артиновска Трпческа. Следејќи ги законитостите на субјективниот внатрешен творечки порив, односно интуитивната потрага по современи концепти и содржини, авторката создава комбинација од повеќе стилови преплетувајќи ги во различни теми. Динамиката на формата и нејзината промена претставуваат уште еден визуелен впечаток којшто ја мотивира авторката и понатаму храбро да истражува и твори. Создавајќи сопствената естетска поетика, таа гради автентичен и суптилен ликовен јази“-ќе истакне во својот осврт кон изложбата „Земја“ историчарката на уметност Викторија Димеска.
Бојана Артиновска Трпческа е родена во Велес 1977 година, а факултетот за ликовни уметности во Скопје го завршува во класата на проф. Родољуб Анастасов на отсек сликарство и сценографија. Од 2000-та до 2003-та година живее и работи како слободен уметник во САД.
Во 2008 година во Музејот на НОБ во Крушево ја реализирала својата прва самостојна изложба на манифестацијата „10 Дена крушевска Република“ под наслов: – Во МЕНЕ.
Три години подоцна поточно во 2011 година ја има својата втора самостојна изложба во ликовната галерија во Прилпе со наслов „Гозба“ која е всушност ретроспектива на нејзината дотогашна работа. Следува „Трепет“ во 2020-изложба која е поставена во Ниш, Република Србија, а во 2021 година во Прилеп го реализира интерактивниот проект „Позадини“.
Од 2005 година е член е на Друштвото за Ликовни Уметници Битола, а од 2010-та година е член на Друштвото на Ликовни Уметници Прилеп, со кое има остварено повеќе групни изложби, хуманитарни акции и перформанси. Од 2021-ва е член на ДЛУМ.
