Безбедност

Тасевски на Конвенција на шефови на полиции во седиштето на ЕВРОПОЛ во Хаг

05.10.2022 11:47

Како што информираат од МВР, на состаноците во рамки на Конвенцијата фокусот беше насочен на теми посветени на полициската соработка во Европа, во смисла на тоа како се развива криминалот и како заеднички да делуваат европските полиции во делот со негово справување.

Директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, придружуван од делегација од Секторот за меѓународна полициска соработка и Одделот за ЕУ и меѓународна соработка реализираше работна посета во Хаг, Кралството Холандија, каде на 3 и 4 октомври присуствуваше на Европската Конвенција на Шефови на полиции, во седиштето на ЕВРОПОЛ.

Како што информираат од МВР, на состаноците во рамки на Конвенцијата фокусот беше насочен на теми посветени на полициската соработка во Европа, во смисла на тоа како се развива криминалот и како заеднички да делуваат европските полиции во делот со негово справување.

На Конвенцијата на Шефови на полиции се зборуваше за улогата на ЕВРОПОЛ како платформа за полициско работење, како и новите технологии и иновации со кои се зајакнува борбата против компјутерскиот криминал, а се нагласи и потребата за соработка со царинските служби за успешно справување со криминалитетот.

Во рамки на Конвенцијата беа остварени и неколку  билатерални средби помеѓу директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски и дел од присутните директори меѓу кои и  со директорката на швајцарската полиција, Николета Дела Вале, каде се зборуваше за зајакнување на веќе постоечката одлична соработка, во рамки на борбата против организираниот криминал и борбата против тероризмот.

На маргините од Конвенцијата беше реализирана средба и со г. Гален Нејс, вршителот на должност  на службата за дипломатски односи и безбедност на Стејт Департментот на САД, при што на средбата се разговараше за одличната соработка на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија со САД, како и на теми поврзани со заедничката борба против транснационалниот криминал, трговијата со дрога, криумчарењето со луѓе и теми од заеднички интерес за двете страни.