Русија

Назначени вршители на должности на припоените области

05.10.2022 12:30

Путин стави параф на законите за анексија на 4 украински региони. Руско-украинскиот конфликт во нова, многу поопасна фаза. Киев тврди-вратени се повеќе окупирани територии...

Рускиот претседател Путин потпиша четири федерални уставни закони за пристапување кон Русија на самопрогласените Народни републики Доњецк и Луганск, и на регионите Запорожје и Херсон во Украина и назначи нивни привремени водачи.

Тие ќе управуваат со териториите додека не се изберат шефовите на новите региони во согласност со руските закони на изборите следната година.

Претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен го претстави зимскиот енергетски план на ЕУ, бидејќи војната во Украина ги загрозува енергетските резерви низ целиот континент. Го обвини рускиот претседател Путин за неодамнешните чекори за анексијата.

„Путин ја почна првата мобилизација на Русија по втората светска војна, третирајќи стотици илјади млади руси како топовско месо. Тој искористи лажен референдум во нелегален обид да ги промени меѓународните граници со сила. Со месеци ја користи енергијата како оружје“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседател на Европската комисија.

Украинскиот претседател Зеленски, пак, предложи формирање „специјален трибунал“ за злосторствата против Украина.

„Може да се истражат сите злосторства на руските окупатори на украинска почва, а сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата. Сите сторители. Злосторство во кое е концентрирано сето зло што го покажаа руските окупатори. Светот со години бара начини да го спречи повторувањето на војната во целост во Европа и да обезбеди неизбежност на казнување за воените злосторници“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Зеленски изјави дека украинската војска направила голем и брз напредок против руските сили и ослободила од окупација десетици градови на југот и на истокот од земјата.

Марина Ристова