Македонија

Конститутивна седница на Советодавното тело за здруженија со историски имиња

05.10.2022 13:59

Со седумчленото тело ќе претседава Бобан Петровски од Институтот за историја при Филозофскиот факултет, а заменик е Билјана Мицковска од Министерството за економија. Меѓу седумте членови е и копретседавачот со мешовитата македонско-бугарска историска комисија, академик Драги Ѓоргиев...

Конститутивна седница на Советодавното тело за здруженија со историски имиња. По реакциите во јавноста за регистрацијата на бугарски здруженија со контрoвезни имиња, телото беше формирано на предлог од Министерството за правда. Ќе дава мислење за употреба на име на историска и друга позната личност во името на здружение или правно лице. Со седумчленото тело ќе претседава Бобан Петровски од Институтот за историја при Филозофскиот факултет, а заменик е Билјана Мицковска од Министерството за економија. Меѓу седумте членови е и копретседавачот со мешовитата македонско-бугарска историска комисија, академик Драги Ѓоргиев. Дополнително ќе бидат именувани уште два члена од граѓанските организации.

„Улогата на ова тело ќе биде советодавна, односно ќе дава мислење за карактерот на историските личности, начинот на кој ќе се формираат здруженијата со цел да се избегне злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни епохи“, велат од Министерството за правда.

Советодавното тело за здруженија до владата ќе поднесува извештај за претходната година. Во првиот, што треба да биде доставен до март идната година, ќе влезат информацијата за веќе формираните бугарски здруженија со контроверзни имиња од Втората Светска војна, односно Иван Михајлов во Битола, Цар Фердинанд во Богданци, и Цар Борис Трети во Охрид.

Токму ова здружение, чие отворање е најавено в петок, предизвика лавина реакции од граѓанските организации, од Еврејската заедница во Македонија и од политички партии.

Ирина Гелевска