Маратонска комисиска расправа за кандидатурата на Јовески
Во Собранието, маратонска комисиска расправа за кандидатурата за уставен судија на актуелниот републички обвинител, Љубомир Јовески. Тој е предлог на владејачките партии. Власта бара конструктивност од опозицијата, којашто ја обвинува за блокирање на постапката. Од ВМРО-ДПМНЕ велат – причина за одолговлекувањето е мнозинството...

На Комисијата за избори и именувања продолжи маратонската расправа за утврдување на предлогот за избор на републичкиот обвинител Љубомир Јовески за уставен судија. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со неограничена расправа се обидуваа да спречат тој да добие зелено светло од матичната комисија. Пратениците од опозицијата реагираат на процедуралните забелешки и зошто претседателката го ограничува правото на збор. На моменти тензично и со спорења околу процедурата, пратениците од опозицијата и забележуваат на претседателката на Комисијата дека ги крши деловничките одредби.
Претседателката на Комисијата Марија Геориевска е децидна дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ преку злоупотреба на процедурални говорења се обидуваат да ја одолговлечат или да ја блокираат работата на собраниското тело за предлозите на уставни судии. Таа смета дека не е прекршена ниту една одредба во деловникот за правилата за дебатирање и гласање.
Досега се утврдени Фатмир Скендер и Татјана Васиќ Бозаџиева како предлози на уставни судии на парламентарното мнозинство, додека шесте кадровски решенија кои беа понудени од ВМРО-ДПМНЕ не го поминаа собранискиот филтер.
Игор Панов
