Фудбал

Фудбалското лудило во Мадрид продолжува

23.04.2014 12:45

Два дена Мадрид е главниот град на европскиот фудбал. Синоќа на „Висенте Калдерон“ војуваа Атлетико Мадрид и Челзи. Очекуваната фудбалска жестина изостана! Фудбалското лудило денеска се пренесува  на само неколку километри оддалечениот фудбалски храм „Сантјаго Бернабеу“! Реал Мадрид и Баерн Минхен влегуваат во битката за пат во Лисабон! Полуфиналните судири се испреплетуваат низ двете клупски истории. Секогаш, исклучително возбудливи, неизвесни, драматични...!

Два дена Мадрид е главниот град на европскиот фудбал. Синоќа на „Висенте Калдерон“ војуваа Атлетико Мадрид и Челзи. Очекуваната фудбалска жестина изостана! Фудбалското лудило денеска се пренесува  на само неколку километри оддалечениот фудбалски храм „Сантјаго Бернабеу“! Реал Мадрид и Баерн Минхен влегуваат во битката за пат во Лисабон! Полуфиналните судири се испреплетуваат низ двете клупски истории. Секогаш, исклучително возбудливи, неизвесни, драматични...! Мали резултатски нијанси решавале, кој од двата фудбалски гиганти ќе зачекори во финалето од некогашниот Куп на шампионите, а сега Лига на шампионите.Многу често нивните полуфинални мечеви биле прогласувани за „финале пред финалето“.Така е и сега! Судирот на двете различни „фудбалски култури“ започна во 1976 година во  Купот на европските шампиони, кога Баерн во ½ финалето го елиминира Реал Мадрид. Денеска, 38 години подоцна,  зад себе имаат точно 20 меѓусебни дуели! Поуспешен е Баерн со 11 победи, наспроти 7-те на Реал Мадрид. Последниот беше во  2012 година, исто така полуфинален, а се памети  со пенал-драмата на „Сантјаго Бернабеу“кога по идентичните победи со 2:1, Баварците излегоа како победници благодарение на извонредните одбрани на Мануел Нојер.

Сегашноста  за двата клуба е многу повеќе од игра. Баерн  е на пат на одбрана на пехарот.Во  Реал Мадрид  се надеваат дека сега е  моментот да се стави крај на „депримирачката  веченост“ без титула! Карло Анчелоти верува дека ќе му се посреќи, дека ќе го внесе јубилејниот десетти трофеј во клупската  ризница. Гвардиола мечтае Баерн да биде првиот тим  кој ја одбранил шампионската чест во најелитното натпреварување. Двајцата тренери имаат исклучителни состави! Најсилниот адут на Реал , Кристијано Роналдо се враќа во екипата, веројатно и настинката на Бејл нема да биде пречка  да биде дел од спектаклот. Многу фудбалски ѕвезди ќе го осветлат вечер небото над Мадрид. Двајца исклучителни голмани Касиљас и Нојер, извонредните креативци Чаби Алонсо и Модриѓ наспроти Крос и Швајншатајгер ќе се обидат да загосподарат со средината на теренот. Ќе се повиваат двете одбрани пред налетите на офанзивците Роналдо, Бензема, Ди Марија на едната и Рибери, Робен, Манџукиќ на другата страна.

Вечниот двобој на „Белата фурија“ и на „Црниот звер“ е во 20 часот и 45 минути со пренос на Македонската телевизија.