Охрид

Туристичкиот сектор бара стратегија за развој на туризмот во вонредни услови

05.10.2022 16:04

Во услови на енергетска и економска криза, туристичкиот сектор се најде во мошне сериозна состојба. Стратегиите за развој подготвувани во изминатите години веќе не се актуелни и е потребна нова, бидејќи кризата според експертите ќе биде подолготрајна. Само на тој начин ќе може да се предвиди што да очекува туристичкиот сектор во иднина и како треба да се заштити...

Поради енергетската и економската криза што ја предизвика војната во Украина ние како држава практично немаме стратегија за развој на туризмот, бидејќи постојната се подготвувала во други услови. Ова е ставот на експертите кои сметаат дека што поскоро треба да се изработи нова, којашто ќе биде базирана на неколку нивоа на заштита на туристичкиот сектор или во спротивно ќе влеземе во лавиринт од којшто тешко ќе се извлечеме.

„Стратегиите се краткорочни, среднорочни и долгорочни. Ние мораме да ги имаме сите три стратегии. И краткорочните кои се популарни, кои можат да придонесат во подобрувањето на состојбите, и среднорочните и највеќе долгорочните во услови на криза. Значи ние мораме да ги предвидуваме оние проблеми кои би настанале во евентуални војни во непосредна близина“, изјави проф. д-р Науме Мариноски.

Краткорочните мерки какви што беа оние во текот на пандемијата нема да помогнат при ваква енергетска и економска криза, вели Мариноски и посочува дека дел од товарот треба да понесе и хотелско-угостителскиот сектор, бидејќи постојано се губи на квалитетот на услугите.

„Се повеќе и повеќе слушаме дека угостителството нема работна сила, за тоа секако дека удел има конкуренцијата. Многу наши луѓе отидоа во странство каде што добро се прифатени, а тоа значи дека и угостителите треба да ги подобрат условите за работа“, рече проф. д-р Науме Мариноски.

Дека кризата навлезе длабоко во сите пори на туристичкиот сектор зборуваат и најавите за затворање на повеќе хотелски објекти на охридското крајбрежје, а она што уште повеќе загрижува е отпуштањето на работници, процес којшто веќе започна.

Сашо Нелоски