Македонија

Одбележан Меѓународниот ден на просветните работници

05.10.2022 17:09

Учителите се тие кои први ни ја подаваат раката и не поведуваат на патот на осознавање на светот околу нас. Денес им оддаваме должно внимание и почит за нивниот влог во животот на секој од нас, беше речено на денот на просветните работници...

Училиштата се како волшебно огледало. Во нив, може да го видите минатото, сегашноста и иднината на општеството. Учителите се тие кои први ни ја подаваат раката и не поведуваат на патот на осознавање на светот околу нас. Денес им оддаваме должно внимание и почит за нивниот влог во животот на секој од нас, беше речено на денот на просветните работници, каде на најзаслужните им беа врачени признанија и награди.

„Изминатите години сите бевме пред голем предизвик во кој вие наставниците уште повеќе се заложивте за успешен пренос на знаење кај нашите деца. А вашата мотивираност и при ограничени ресурси, остана неуморна“, рече градоначалникот на Општина Центар, Герасимовски.

„Вие сте фактор од кој највеќе зависи квалитетот на генерациите кои се создаваат и затоа сме секогаш горди на вас“, рече министерот за образование Шаќири.

На Валентина Ангелковска и беше врачена наградата за најдобар просветен работник за 2021/ 2022 година, одделенски наставник во основното училиште „11 Октомври“.

Александра Спировска