Заврши седницата на Економскиот совет, конкретни мерки нема
Бизнисмени, синдикати, експерти – Владата ги слушна предлозите за ублажување на ценовниот шок и кризата. Наредната недела ќе излезе со конкретни таргетирани мерки. На состанокот разгледани сите опции за снабдување со електрична енергија...

Без конкретни антикризни мерки заврши седницата на социо-економскиот совет. Членови на Владата ги слушнале предлозите од бизнис-секторот, синдикатот и универзитетските професори, по што им рекле – ќе излезат со мерки во најскоро време. За граѓаните и компаниите на регулираниот пазар нема да има зима, ќе бидат обезбедени со струја, за оние на слободниот пазар ќе се бара чаре.
Синдикатот со конкретни предлози. Бараат платите да го следат порастот на инфлацијата, доследна примена на колективните договори, проширување на антикризните мерки и замрзнување на цените, платежни картички за најранливите семејства за купување на храна и бесплатен превоз за вработените.
Економисти оценуваат дека не се доцни со мерките, но тие мора бидат таргетирани кон заштита на најпогодените од економската криза.
Од Владата велат дека наредната недела ќе излезат со конкретни мерки. Засега се разгледуваат модалитетите за вклучување на електраната ТЕ-ТО во Б режим, при што нејзиното производство би се понудило на приватниот сектор по фиксна цена.
Истовремено, од Владата го реафирмираат апелот до пратениците за што поскоро изгласување на Законот за задолжување во Европската банка за обнова и развој од 100 милиони евра, што обезбедува, како што велат, ликвидни средства по исклучително поволна каматна стапка, како и за работењето на ЕСМ во услови на криза.
Анита Димитријевска Велковска
