ФИФА милослива кон шпанскиот фудбалски великан

Барселона налето ќе може да купува играчи !

23.04.2014 12:46

Светската Фудбалска Асоцијација (ФИФА) привремено ја укина забраната за трансфери на Барселона, по што се уште актуелниот шпански првак ќе може да ангажира нови играчи во претстојниот летен преоден рок.

Светската Фудбалска Асоцијација (ФИФА) привремено ја укина забраната за трансфери на Барселона, по што се уште актуелниот шпански првак ќе може да ангажира нови играчи во претстојниот летен преоден рок.

Неодамна ФИФА ја казни Барселона со забрана за купување фудбалери во наредните два преодни рока поради непочитување на правилата за меѓународни трансфери и за регистрација на малолетни играчи. Таквата одлука ќе го оневозможеше клубот да го реконструира својот тим се до летото 2015. Сепак, Барселона вложи жалба до ФИФА Комитетот за жалби и заедно со основното барање, апелираше забраната да и биде укината додека не се комплетира жалбениот процес.

ФИФА го прифати тоа, образложувајќи дека Комитетот за жалби нема да може да донесе одлука по главното прашање во разумен рок, за евентуалната подоцнежна жалба на Барселона до Арбитражниот Суд во Лозана да може да биде решена пред почетокот на наредниот преоден рок. Поради тоа, претседателот на Комитетот Лари Мусенден проценил дека забраната за трансфери треба привремено да биде симната.

Во соопштението на ФИФА се наведува дека ова решение нема да има никакво влијание на конечната одлука во врска со жалбата и оти постапката ќе тече според предвидената процедура, при што во целост ќе бидат почитувани правата на клубот.

Барселона уште претходно најави дека ќе се жали и до Арбитражниот Суд во Лозана, ако не успее да добие правда преку ФИФА.