Земјоделство

Субвенции преку Интервентниот фонд

06.10.2022 08:02

Почнуваат подготовките за есенската сеидба на пченицата и на јачменот. Земјоделците кои ќе употребуваат вештачки ѓубрива ќе добиваат субвенција од 3.000 денари по хектар. Исплатата ќе се врши врз основа на доставените барања до Платежната агенција...

Земјоделците кои ќе произведуваат житни култури ќе имаат право на финансиска поддршка за трошоци за набавка на вештачки ѓубрива во производство на пченица или јачмен за основно ѓубрење.

Корисници се земјоделски стопанства кои оваа есен во периодот од 22-ри септември до 22-ри декември ќе имаат засеани површини со овие култури и од 1-ви август до 31-ви октомври годинава имаат набавено ѓубрива од најмалку 200 килограми по хектар.

Висината на финансиската поддршка изнесува 3.000 денари по хектар за трошоците за реализираната набавка, а исплатата ќе се врши врз основа на поднесени барања до Платежната агенција заедно со документите за докажување за купеното вештачко ѓубриво.

Досега на овој начин, е обезбедена поддршка и за земјоделците за ѓубривото во производството на стратегиските житни култури, како што е пченицата, јачменот, пченката и сончогледот. Поддршката изнесуваше 4.000 денари за купени и употребени минимум 200 килограми за хектар со пченица и пченка и 2.500 денари за површини засеани со јачмен со употребени 200, односно 100 килограми по хектар кај сончогледот.

Преку оваа мерка се исплатени 113 милиони денари вкупна поддршка за 6.800 земјоделци.

Методија Трајков