Охрид

Се конзервира и реставрира фрескоживописот во Света Богородица Болничка

06.10.2022 12:41

Започна конзервацијата и реставрацијата на фрескоживописот во црквата Света Богородица Болничка во Охрид која датира од четиринаесеттиот век. Првичниот фрескоживопис се смета дека е насликан околу илјада триста седумдесетта година, меѓутоа црквата претрпела измени низ вековите во однос на архитектурата и фрескосликарството...

Во црквата Света Богородица Болничка која се наоѓа во непосредна близина на Долна Порта деновиве започнаа конзерваторско-реставраторските работи на фрескоживописот што е дел од годишната програма на охридскиот Завод и Музеј. Црквата припаѓа на малите еднокорабни духовни храмови од 14 век, а стариот фрескоживопис е дело на непознат локален зограф, чие дело експертите го сметаат за едно од поубавите остварувања во Охрид.

„За црквата значајни се двата слоја на фрескосликарството. Постариот од 14 век и пресликувањата коишто настанале во 1834 година. Со поголеми конзерваторски работи коишто се одвивале 1959-60 – та година вториот слој на живописот е извадени и е прикажан на посебна подлога и на држачи независно од архитектурата на црквата“, рече Катерина Велкоска, директор на Завод и Музеј Охрид.

Оштетувањата на фрескосликарството на црквата се предизвикани од влагата којашто транспортира соли врз фреските.

„Основниот проблем којшто се јавува во црквата е влагата од северната и источната страна, којашто е дел од дожд. Самото повлекување на влагата од темелите, значи таа се води како капиларна и другата е дождовна којашто се залива по самите ѕидови коишто исто така се оштетени“, рече Никола Патчев, магистер по конзервација и реставрација.

Оваа црква како и Свети Никола Болнички која се наоѓа веднаш спроти неа според раскажувањето на старите охриѓани се нарекуваат болнички, бидејќи во средниот век тука постоела болница која се користела и како карантин за време на епидемии.

Сашо Нелоски