Првиот состанок на Европската политичка заедница ги собра лидерите на 44 земји
Прв самит на Европската политичка заедница. Прага ги собра лидерите на 44 земји да поведат политички дијалог и соработка за решавање на прашањата од заеднички интерес,со акцент на енергетската и економска криза и снабдувањето со енергија. Учествува и македонска делегација предводена од премиерот Ковачевски. Македонија и Украина потпишаа договор за слободна трговија со земјоделско-прехранбени производи...

Македонската делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски учествува на првиот состанок на Европската политичка заедница во Прага. Главна тема на првиот состанок на лидерите од 44 држави е енергетската и економската криза како последици од руската инвазија во Украина, како да се гарантира безбедно снабдување со енергенси по прифатливи цени, поддршка на растот и работните места и намалување на сметките за енергијата за ранливите групи граѓани.
„Го делиме истиот континент и се соочуваме со истите предизвици. Ќе разговараме како да ја подобриме соработката за да имаме поголема стабилност, безбедност и мир“, изјави Шарл Мишел, претседател на Европски совет.
„Ако видите кој учествува, ќе ја видите важноста. Целиот Европски континент освен Белорусија и Русија, кои се изолирани. Темите се екстремно важни, стабилноста на европскиот континент, како заеднички да ја подобриме и како би реагираме ако има понатамошна ескалација на ситуацијата во Украина. Како ќе се справиме со енергетската криза и инфлацијата“, изјави Александар Де Кро, премиер на Белгија.
„Ќе разговараме за безбедноста, единството и економијата. Овде ќе видиме дека Европа е солидарна против руската инвазија врз Украина овде зборуваме за европската политика, не само во контекст на ЕУ. Тоа е добро, оти доаѓајќи од Исланд, важно е да зборуваме за иднината на Европа во поширок контекст“, изјави Катрин Јакобсдотир, премиер на Исланд.
На маргините на состанокот во Прага, Македонија и Украина потпишаа договор за слободна трговија за натамошна либерализација на трговијата со земјоделско-прехранбени производи меѓу двете држави, бесцарински извоз на свежо овошје и зеленчук и намалена царина при извоз и увоз на голем број производи. Уште еднаш била потврдена поддршката на украинската независност, суверенитет и територијален интегритет.
Ирина Гелевска
