Стопанска комора

Предлози за побрз проток на стоки

06.10.2022 13:37

Компаниите не видоа полза од зелените коридори на Отворен Балкан. Од два до три часа транспортерите чекаат на граничните премини. Дополнителен проблем е и снабдувањето со струја, недостигот од соодветен број ленти и работното време на царинските терминали. Од Комората добиле ветување од надлежните дека во наредниот период интензивно ќе се работи на подобрување на состојбите...

Иницијативата Oтворен Балкан не го олесни протокот на стоки и услуги, оценува Стопанската комора. Според нејзините теренски истражувања, најголеми проблеми има на граничниот премин со Србија, каде секојдневно се забележуваат километарски колони товарни возила, кои за влез чекаат и по неколку часа. Зелените коридори не функционирале во јули, а поради неусогласеност на системите, превозниците се изложени на двојни проверки.

Имало проблеми и со електрична енергија. Прекините во напојувањето го блокирале системот, не работеле ниту вагите за мерење. Недостига и соодветен број на ленти по кои се движат возилата, а проблем е и работното време на царинскиот терминал. Компаниите за ова веќе ја известиле Владата.

Директниот транзит со Албанија не е целосно воведен, што е еден од проблемите во Отворен Балкан за побрзо минување на границите. Од Комората велат дека иако постапките се дигитализирани, сè уште се бараат и хартиени докази кои за компаниите е дополнителен трошок.

Викторија Милевска