Привршува изборната кампања во дијаспората

23.04.2014 13:00

На неколку денови пред одржувањето на предвремените парламентарни избори во Република Македонија се засилува и изборната кампања на кандидатите за пратеници од дијаспората

На неколку денови пред одржувањето на предвремените парламентарни избори во Република Македонија се засилува и изборната кампања на кандидатите за пратеници од дијаспората. Во Изборната единица број 8 за Северна и Јужна Америка, има петтмина кандидати коишто ќе бараат поддршка од околу 3200 регистрирани гласачи еден ден пред изборите во Македонија.

Петтмина кандидати за пратеник од изборната единица број 8 за Северна и Јужна Америка ја привршуваат изборната кампања неколку денови пред денот на гласањето во дијаспората. Најсериозен кандидат е досегашниот пратеник и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Павле Саздов, којшто изборната кампања ја насочува кон Македонците во Канада и во Америка. Саздов со Новата програма се залага за подобрување на врските со дијаспората вклучувајќи и изучување на македонскиот јазик и стажирање на студенти во Македонија, олеснување на добивањето пензии, директни авионски летови со Канада и САД и отворање на 16 културни центри во местата кадешто има поголема концентрација на Македонци.

„Многу работевме на промоција на сите оние постапки коишто се од нивен интерес во Република Македонија. Практично од сето тоа произлезе и проектот што е вметнат во нашта изборна кампања, а тоа е отворање на Инфо Центарот во рамки на Министерството за надворешни работи отворен 24/7 и достапен на сите наши иселеници на сите можни начини на комуникација.„ - Изјава Павле Саздов- кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за пратеник од ИЕ бр.8

Останатите кандидати за пратеник од дијаспората од Америка, Тефик Абдулаи од ДУИ, Јани Хаџи Еленов од СДСМ, Ферки Бектеши од ДПА и Стојадин Наумовски од Достоинство, својата изборна кампања ја насочуваат кон местата кадешто очекуваат поголема поддршка од гласачите: Чикаго, Њујорк и Њу Џерси.

„Гласањето на предвремените парламентарни избори за избор на пратеник од дијаспората ќе се одржи еден ден порано во сабота“

Ирине Гелевска, постојан дописник за МРТ од Вашингтон