Европска политичка заедница

Под лупа енергетската и економската криза

06.10.2022 15:02

Прв самит на Европската политичка заедница. Прага ги собра лидерите на 44 земји да поведат политички дијалог и соработка за решавање на прашањата од заеднички интерес,со акцент на енергетската и економска криза и снабдувањето со енергија. Учествува и македонска делегација предводена од премиерот Ковачевски. Македонија и Украина потпишаа договор за слободна трговија со земјоделско-прехранбени производи...

Прв состанок на Европската политичка заедница во Прага посветен на последиците од руската инвазија во Украина и начинот да се надмине енергетската и економската криза. Лидери од 44 европски држави побараа соработка за безбедноста, стабилноста и мирот во Европа. Македонската делегација ја предводеше премиерот Ковачевски.

„Го делиме истиот континент и се соочуваме со истите предизвици. Ќе разговараме како да ја подобриме соработката за да имаме поголема стабилност, безбедност и мир“, изјави Шарл Мишел, претседател на Европски совет.

„Европа има многу различни проблеми сега и тука мора да разговараме за решенија и да ја продолжиме поддршка за Украина“, изјави Петр Фиала, премиер на Чешка.

Европските лидери се заложија да се гарантира безбедно снабдување со енергенси по прифатливи цени, поддршка на растот и работните места и намалување на сметките за енергијата за ранливите групи граѓани. Лидерите од западниот Балкан побараа еднаков третман во справувањето со кризите како и земјите членки на Унијата.

„Албанија е дел од регионот на западниот Балкан, којшто е опкружен со граници на ЕУ и за нас е клучно иако не сме дел од Унијата сепак сме европски земји и треба да бидеме заедно со земјите членки“, изјави Еди Рама, премиер на Албанија.

„Од санкциите на Европската комисија исклучени се некои држави како Унгарија и Бугарија, но не и Србија“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.

„Треба да се запрат инцидентите да се случуваат со шверцерите на мигранти кои искористуваат невини очајни луѓе што сакаат да стигнат до европско тло со бродови што не се соодветни за морска пловидба“, изјави Киријакос Мицотакис, премиер на Грција.

На маргините на состанокот во Прага, Македонија и Украина потпишаа договор за слободна трговија за натамошна либерализација на трговијата со земјоделско-прехранбени производи меѓу двете држави, бесцарински извоз на свежо овошје и зеленчук и намалена царина при извоз и увоз на голем број производи. Уште еднаш била потврдена поддршката на украинската независност, суверенитет и територијален интегритет.

Ирина Гелевска