Mираковска до бугарските колеги: Јас сум Македонка и зборувам на македонски јазик
Во Европскиот парламент во Стразбур, заврши 20-от состанок на Мешовитиот комитет меѓу земјава и Европската унија. Заклучено е дека е отворена нова фаза во односите со Брисел, но реформите мора да продолжат...

Во Стразбур заврши Мешовит парламентарен комитет ЕУ - Република Северна Македонија со усвојување на заклучоци по дводневната расправа.
Препораките беа усвоени, без прифаќање на ниту еден од амандманите, особено тој на бугарските пратеници Александар Јорданов и Сергеј Станишев, кои побараа да се избрише дека се почитува македонскиот културен идентитет и го гарантира признавањето на македонскиот јазик. Предлог кој беше отфрлен од мнозинството на Мешовитиот парламентарен комитет.
Претходно, Македонските пратеници и европратениците разменија мислења за животната средина и енергетиката, добрососедски односи и регионална соработка, извештај за Дијалогот Жан Моне, за владеењето на правото, борбата против организиран криминал и корупција и за Граѓанско општество и медиумите.
Постојаниот известувач во ЕП за напредокот на Северна Македонија, Илхан Ќучук, посака наскоро и македонските пратеници да се најдат во заедничкиот нивни дом ЕП, бидејќи местото на Северна Македонија е во ЕУ.
„Многу ми беше пријатно што се видов со колеги од Народното собрание на Северна Македонија, да размениме идеи за многу теми од регионално, национално и европско значење. Ова е и нивен дом, на сите наши колеги и се надевам дека еден ден. За многу набрзо и Северна Македонија да стане членка и да ги има своите европратеници и да носиме одлуки заедно со нашите колеги од Северна Македонија. До знамето на Грција и Бугарија да стои и знамето на Северна Македонија. Тоа е смислата на денешната средба, да поставиме темели кои ќе донесат добри резултати“, рече Илхан Ќучук.
За Соња Мираковска, претседателката на македонската парламентарна делегација и копретседател на мешовитиот комитет главната порака е дека Република Северна Македонија ги започна преговорите.
Претставниците на Европската комисија во Стразбур уште еднаш потврдија дека започнаа преговорите се започнати, со што односите помеѓу Северна Македонија и ЕУ влегуваат во една нова фаза, а процесот на скринингот не е само технички, туку процес на трансформација.
Тони Гламчевски
